Поврзано родителство, т.н. родителство со срце (Attachment Parenting) е стил на родителство кое се темели на интуитивен пристап на задоволување на потребите на детето. Така, меѓу детето и родителот се развива меѓусебна доверба: родителот ги разбира и прифаќа потребите на детето како дел од процесот на растење, а детето се чувствува заштитено и сакано бидејќи неговите потреби се препознаени и задоволени. Децата израснати на овој начин се посамостојни и имаат поголема самодоверба во себе, бидејќи се сакани и прифатени со разбирање.
Тоа е инспирирано од книгата "Континиум концепт" на Jean Liedlloff, која укажува дека човечките суштества - а посебно бебињата - за да постигнат оптимален физички, ментален и емоционален развој, имаат потреба од одредени искуства. За бебињата тоа е постојан физички контакт со мајката (или друг што се грижи за него) уште од првиот момент на раѓање, спиење во кревет со родителите се' додека самото не го напушти по своја волја,обично на возраст од 2 години, доење по потреба, да биде носено во раце па така може да гледа, цица или спие додека мајката или тој што го носи ги извршува своите дневни обврски - се' додека бебето самото не почне да лази и подоцна да оди. Тој што се грижи за него веднаш да реагира на неговите сигнали (грчење, плачење и сл.) без да негодува, но и да не покажува претерана загриженост, ниту пак да прави бебето да биде "центар на внимание".
Спротивно на ова, бебето кое расте според "западните" сфаќања за правилна грижа најчесто спие само, преку ден исклучено или одделено од вообичаените активности на возрасните. Често го игнорираат кога плаче или дава други знаци и сигнали дека нешто му треба, или пак одат во друга крајност па реагираат со претерана грижа.
"Еволуцијата не го припремила човечкото новороденче за ваков вид на искуство. Тоа не може да разбере зошто неговото очајно плачење останува неодговорено. Меѓутоа, ако очекувањата од континуитетот се исполнети - поточно повеќе варијации како што расте - тоа природно ќе се здобие со самодоверба, благосостојба и радост. Децата чии потреби за континуитет се исполнети во првите месеци од нивниот живот, односно ја поминале "фазата носење во раце", се покажало дека имаат поголема самодоверба од оние деца чие плачење останало без одговор поради страв дека така ќе го "разгалат" или ќе го направат несамостојно".