Извадок од книгата “Концепт Мама“

Зошто да се носи бебето во марама, слинг или “кенгур торбичка“
(н.з. под “кенгур торбичка“ авторот подразбира мека ергономска носилка)


Кога имате бебе сигурно ќе размислите за опцијата да го носите на себе. Слингот и марамите се моден додаток кој им прилега и на жените и на мажите, и се распостила врз нив во една модерна, современа прегратка. Во Франкфурт често ги забележувам мајките со новороденчиња, кои немаат ни една недела, како вешто ги носат блиску до себе без да го прекинуваат својот живот како возрасна личност, користејќи ги можностите за придонесување кон својата слобода и индивидуалност. Во суштина, за некои од нас, посакуваната слика како родители е таква - колку што можеме повеќе да ги преклопуваме нашите активности, интереси и желби како возрасна личност со пристигнувањето на своето дете.
 
Слингот, марамата или кенгур-торбичката имаат повеќекратна улога. Можеме да ги сфатиме како моден додаток (особено марамата, кенгур-торбичката можеби не толку многу), но и како можност да го имаме своето бебе блиску до себе (што секако е потребно) додека правиме други активности (што нам ни овозможува слобода). Блиску до својата мајка, бебето го препознава чукањето на нејзиното срце, ја чувствува нејзината топлина, нејзиниот мирис. Во овие интеракции тоа стекнува самоувереност. Сигурноста која бебето ја добива, му/ѝ дава подлога за неговиот/нејзиниот психофизички развиток – се синхронизира со родителите, го доживува контекстот на семејството и, преку стекнатата самодоверба, ја гради слободата да има свој индивидуален израз.
 
Марамата може да ја користите и како параван за доење. Ова може да биде многу погодно во првите недели, кога бебињата сакаат многу често да се хранат. На тој начин може да го доите бебето и во движење, во јавен простор, дома. Истовремено, можете да завршите различни активности низ домот или, едноставно, да излезете на прошетка, на средба со пријателите. На новороденчињата тоа нема да им пречи, бидејќи тие секако се научени да се движат и да мрдаат заедно со вас додека биле во стомакот. Доколку не ви успее првиот пат, обидете се повторно по неколку дена, или по некоја недела. Носејќи ја марамата, лесно може да вежбате и ќе го добиете часот по фитнес за кој секако немате доволно време, а ќе ви е потребен, бидејќи бебето ќе расте постојано и ќе ви треба сè повеќе енергија и кондиција. Во однос на различните начини на носење марама, слинг или кенгур-торбичка, корисно е да ги знаете следните податоци:
 
Марама
Слинг
  • Едноставно се припива на контурите на вашето тело.
  • Користете марама изработена од природни материјали и одберете материјал што ќе одговара на сезоната. Секако, може да имате и летна и зимска варијанта.
  • Постојат различни начини на врзување на марамата и може да експериментирате со нив. Но, внимавајте на соодветноста на начинот на врзување во однос на возраста на бебето.
  • Главата на бебето треба да биде на висина на која може да ја бакнете.
  • Внимавајте бебето да може непрекинато да дише и не ставајте го во позиции непрепорачливи со тој вид марама. Информации може да добиете од упатството.
  • Кога бебето е мало и не ја држи главата стабилно, важно е правилно да се постави во марамата. Главата треба да биде убаво потпрена на едната страна и истовремено да може непрекинато да дише.
  • Колковите на бебето треба убаво да се потпрени, нозете да се во форма на буквата М, слично како нозете на жабата.
Кенгур-торбичка
  • Првата кенгур торбичка треба да ги потпира горниот дел на нозете на бебето и неговиот задник. Внимавајте да не висат целите нозе на бебето (истото важи и за марамата).
 
Правила за носење на бебето во слинг, марама или кенгур-торбичка:[1]
 
  • Грбот на бебето постојано треба да биде потпрен.
  • Постојано треба да имате увид на бебето. Внимавајте бебето да има непрекинато дишење. Проверете дали е во удобна позиција.
  • Бебето треба да биде доволно блиску до вас за да ја бакнете неговата глава.
  • Додека го носите бебето, не треба да ги правите следните активности: трчање, возење автомобил, возење велосипед и сл.
 
Носењето на бебето можеби нема да биде исто онака како што си го замислувате од фотографиите објавени на социјалните мрежи. Дајте си можност и шанса да искусите дали ви одговара, во која мера, на каков начин, во која комбинација – модна или секојдневна. Ваквото поврзување помеѓу мајката и бебето не е ново откритие. Впрочем, носењето на бебето во марама или некаков вид чанта, модифициран ранец, торба, се среќава во многу традиционални култури.[2] Најчесто поради тоа што мајката треба да продолжи со секојдневните обврски и нема време да го забавува бебето, го носи со себе на грбот, пред себе, отстрана (постојат различни начини). „Традиционалниот“ слинг може да биде ќебе, дел од облека, крзно, појас, со кој родителот може истовремено да се движи и грижи и за своето бебе и за себе. Современа или традиционална, прегратката и енергијата на допирот кон нашето бебе започнуваат да ги градат слободата, љубовта и стилот на нашата комуникација и заедничко растење.
 
„Допирот е наједноставната, најнеконцептуалната форма на комуникација што ја имаме.
Во допирот нема граници како во јазикот, сѐ што може да оди, лета, се влече, лази или плива - веќе го зборува неговиот јазик.“
Ина Меј Гаскин[3]
 
 
 
 
 
 
 
[1] "How to choose a baby sling or carrier. – Hampshire Doulas."       <https://hampshiredoulas.wordpress.com/2017/11/14/how-to-choose-a-baby-sling-or-carrier/>. Accessed 6 Dec. 2017.
[2] "The History of Babywearing and 'Modern' Slings - Slingbabies - Baby ..." <http://www.slingbabies.co.nz/Site/History_2.ashx>. Accessed 6 Dec. 2017.
[3]  Ina May GASKIN, Spiritual Midwifery (Summertown TN: Books Publishing Company, 2015), стр. 10.

 

 

 

16.10.2018 10:46:16